Уредувањето на детската соба секогаш претставува предизвик, бидејќи мора да се задоволат сите функционални потреби но и да се создаде комфорна атмосфера и амбиент во кој децата треба да уживаат.Тематското уредување на детските соби е вистинско решение за децата и родителите, бидејќи ги исполнува сите потребни барања и воедно и го облагородува просторот.
Детската желба треба да ви претставува заповед, барем кога се работи за тематско планирање и уредување на детската соба. Неговото опкружување во кое ќе се осеќа задоволно, сигурно и исполнето ќе се одрази веднаш на неговото расположение. Дозволете им на своите деца да ги внесат во својата соба елементите кои ги радуваат, мотивираат и исполнуваат. Нивните желби можеби ќе ви бидат несватливи од перспектива на родител, но сепак, сметаме дека треба да ги почитувате затоа што тие желби создаваат идентитет на собата на вашето дете.
Темите на уредување може да бидат разнолични и зависат највеќе од самото дете, неговите карактеристики како полот, карактерот, омилените ликови, херои и слично. Едноставен начин во создавање на тематска соба е колоризирањето, односно, боењето на собата во која би се употребиле омилените бои на децата кои растат во нејзе и тоа колористички во неколку нијанси: поинтензивни и посмирени, интензивните ќе ги нанесете на помали ѕидни површини, а смирените нијанси на поголеми ѕидни површини.
Доколку децата се во предшколска возраст, претворете ја собата во детска игралница и занимална, во која ќе овозможите омилените играчки да им се достапни во секој момент, без посебно нагласување на просторот за нивно раздигање по завршување на употреба со истите. Ваквите занимални се препорачливи да ги правите во детските соби а не во просторијата за дневен престој бидејќи на тој начин децата уште од мали создаваат чувство на слобода и потреба за личен простор и приватност. Кога ќе порасне тој простор ќе доживее мали трансформации, на пример ќе го користи за учење, но сепак ќе го има задржано чувството на припадност и слободата во него.
Омилените ликови од цртаните филмови се често украс на детските соби, а просторот можат да го надополнат слики закачении на ѕидовите или пак во форма на плакати, тапети на вратата или во форма на принтови-еден вид тапети кои се лепат на ѕидовите во димензија по желба. Направете варијации во големините на прикажаните цртани ликови но и поставете дел од нив на полиците, едноставно комбинирајте динамично. Ваквото уредување на собата може да биде доста ефектно.
Исто така може да употребите некои од хероите или јунаците од филмовите кои често пати симболизираат снага и моќ, но и носат позитивни пораки за меѓусебните односи и праведности. Не може а да не ја споменеме и можноста за имплементација на животните како чест мотив во детските соби. Децата често пати сакат да си играат со нив но едноставно ја немаат таа прилика.
Вие ќе бидете нивниот креатор на „животинското царство“ што ќе преовладува во нивната соба исполнето со плишани, пластични и гумени животни од сите врсти. Воедно планирајте да обезбедите и доволно простор долу на подот како животните би „учествувале“ и би се „приклучиле“ во играта заедно со вашите деца.
Доколку вашето дете поседува посебен дарба како на пример има талент за пеење, сликање и слично, уредете ја собата на начин да ги отсликува тие таленти. Присуството на инструменти или елементи во склоп на талентот дополнитетелно ќе иницира за покреативно и поаналитично посветување и надградување кај вашето дете.
Некои пак деца од мали покажуваат афинитети и склоности кон одредени спортски активности или телесни активности како балетот на пример. Доколку е тоа случај претворете го тепихот од собата во вештачки тревник или ѕидот во огледало за вежбање на вашата идна балерина, импровизирајте во духот на спортот или активноста на кој што вашето дете е наклонето. Комфорноста но и оригиналноста може да ја надополните и со оригинални елементи или импровизирани од фамилијата на соодветниот спорт и активност.
Детската соба е место каде малите деца стануваат она што сакаат да бидат. Одберете правилна и пригодна тема за адаптација на собата и направете ја посебна на начин да биде паметена како еден убав спомен од нивното детство.
No comments:
Post a Comment